Македонија

Спасовски и Грковска на средба со ЕВР Гази Баба

27.12.2023 19:34

Голема ефикасност во откривањето на сторителите на кривични дела, откриени над 90% од нарушителите на јавниот ред и мир...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска остварија работна средба со раководството на СВР Скопје – Единица за внатрешни работи Гази Баба, со цел да извршат увид на реализираните активности, да се видат и резултатите од инвестициите во подобрување на стандардите на работењето на полициските служби, што беа започнати во 2017 година, во насока на поголема безбедност на граѓаните овде.

Од страна на вицепремиерката Грковска беше истакнато дека подобрувањето на условите за работа на институциите директно влијаат во борбата со корупцијата и организираниот криминал.

Заменичката на претседателот на Владата, Славица Грковска, упати честитки за зајакнатата доверба на граѓаните во полицијата, благодарение на покажаните резултати, што според неа е голем успех, имајќи го предвид незадоволството од другите институции во ланецот надлежни за борба со криминалот и корупцијата.

Грковска го поздрави и трендот на зголемување на бројот на жени меѓу полициските службеници, кој во ЕВР Гази Баба изнесува 20% и претставува голем исчекор споредено со состојбата во минатото. Поздравувајќи ги континуираните напори на министерството за модернизација на единиците на МВР низ земјава, таа подвлече дека со оглед на фактот што полициските службеници се на првата линија во борбата со криминалот, навистина е неопходно да имаат достоинствени просторни и технички услови за работа.

Министерот за внатрешни работи Спасовски информираше дека при посетата на ЕВР Гази Баба, беше брифиран од раководството за постигнатите резултати во текот на 2023 и за приоритетите кои следат во 2024.

„Сакам да истакнам дека сите резултати кои се постигнати на територија на ЕВР Гази Баба, која опфаќа 200.000 жители, се вклопуваат во генералниот амбиент на безбедносната состојба -  мирна, стабилна и без индиции на нарушување. Второ, имаме намалување на криминалитетот и зголемување на ефикасноста. Овде имаме малку поголема ефикасност од просекот во другите СВР-а. За одбележување е дека имаме намалување на нарушувањата на јавниот ред и мир, меѓутоа и огромната откривачка активност во делот на нарушителите на јавен ред и мир“, рече Спасовски, додавајќи дека над 90% од нарушителите на јавниот ред и мир се откриени.

Тој ја потенцираше и големата ефикасност во откривањето на сторителите на кривичните дела на ова подрачје.