Почнува 49-от театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Во Прилеп вечерва почнува празникот на театарската уметност кај нас- македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Ќе го отворат министерката за култура Елизабета Канчевска- Милеска и претставата на Битолскиот театар, прва од 12-те во конкуренцијата за награди...

Вечер се крева фестивалската завеса. Се е подготвено за почетокот на 49 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Традиционално, на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ прво ќе бидат доделени наградите за животно дело. Годинашни добитници се тројца актери, доајени на македонското глумиште: Снежана Стамевска, Мустафа Јашар и Салаетин Билал.
Фестивалот ќе го отвори претставата „Хеда Габлер“ на битолскиот театар во режија на Ѕвездана Ангеловска, првата во конкуренцијата за награди.
„И оваа година сум задоволен од квалитетот на претставите. Колегите дале добар напор, вложиле добар труд и постигнале завиден успех. Ќе биде богата програмата, разнолика, разновидна, вдахновена и инспиративна“, вели Петар Темелковски, уметнички директор и селектор на Фестивалот.
Театарската магија на годинашниов фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе донесе 12 претстави во официјалната конкуренција за награди и осум посветени на младите актерски сили. Фестивалската трибина е за музиката во театарот.
За актерите, почнува празникот на театарската уметност.
„Можеме да видиме, да се споредиме со останатите колеги, со останатите театри од државата, да видиме кој до каде е , каков пристап има кон уметноста, кон професијата“, вели Димитар Ѓорѓиевски, актер.
Прилепчани горди на фестивалот кој се приближува кон петатата деценија.
„Милам дека ќе биде многу добро. Никогаш не разочарале досега. Секако дека е убаво нешто. Живнува градот“, велат прилепчани.
На стартот на фестивалот публиката ќе види и две нови изложби: На карикатури од Василие Поповиќ-Цицо и ретроспективна на ликовната колонија „Де Ниро“.
Елизабета Митреска
