Израел

Се интензивираат гранатирањата меѓу Израел и Либански Хезболах

28.12.2023 12:20

Расте загриженоста од проширување на војната на Блискиот Исток. Се интензивираат гранатирањата меѓу Израел и Хезболах на границата со Либан. Во Појасот Газа борбите против Хамас не запираат. Во тек е копнена операција. Хуманитарната катастрофа се продлабочува, жителите на енклавата бараат војната да запре.

Се интензивира размената на оган меѓу Израел и шиитската проирански милиција Хезболах во Либан. Расте загриженоста од проширување на војната на Блискиот Исток. Тел Авив објави дека е во состојба на готовност поради нападите. Во тек е копнена операција против Хамас во предградието на Кан Јунис, каде што се води вистинска војна, потврди израелската армија.

„Елиминиравме илјадници терористи. Силно ја оштетивме командната и контролната способност за лансирање на Хамас. Ја стабилизиравме одбраната. Ќе продолжиме да се грижиме за подземната инфраструктура. Почнавме силно – и сега треба да продолжиме. Следните чекори во борбата, исто така, ќе бидат моќни и изненадувачки. Кампањата ќе продолжи и ќе се проширува по потреба, на дополнителни центри и на нови фронтови“, изјави Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Израел.

„Нашите сили се борат на централни локации во Газа. Ликвидиравме многу терористи и уништивме терористичка инфраструктура. Војуваме и во Кан Јунис, терористичкиот центар на Хамас, каде што ја проширивме операцијата. Распоредивме уште една дивизија на областа и продолжуваме да дејствуваме користејќи методи на борба на земја и под неа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Итен прекин на огнот во Појасот Газа, побарал францускиот претседател Макрон во телефонскиот разговор со премиерот Нетанјаху. СЗО го повтори повикот до меѓународната заедница да преземе итни чекори за ублажување на сериозната опасност со која се соочува народот во енклавата.

„Нашите домови беа урнати, а мојот син беше маченик. Бегавме од бомбардирањето. Нема добро засолниште. Цел сме, во која било област и да побегнеме“, изјави раселен од градот Газа.

„Бараме само едно, запрете ја оваа војна, запрете ги маките на луѓето. Жално е, децата спијат на студов“, изјави раселен од Ал-Буреј.

Портпаролот на иранската Револуционерна гарда тврди дека смртоносниот напад од Хамас во јужен Израел на 7-ми октомври е одмазда за убиството на ирански генерал во 2020 година во Сирија.

 

 

Маријана Димовска