Тетово

Тензии и реакции за поставениот крст на Попова Шапка

28.12.2023 14:01

Крстот на Попова Шапка, тема и на последната седница на Советот на Општина Тетово. СДСМ бара да се повлече одлуката за уривање на крстот, ДУИ вели дека Касами со верскиот симбол со поигрува со Албанците...

БЕСА и ВМРО ДПМНЕ да ја повлечат општинската одлука за уривање на крстот на Попова Шапка, оти со тоа се создава раздор кој е најмалку потребен за граѓаните на Тетово, побараа од советничката група на СДСМ на денешната последна седница на Советот на Општина Тетово.

„За жал она што го гледаме е дека БЕСА и ДПМНЕ со своите одлуки и сценарија сакаат да предизвикаат штета за граѓаните, затоа бараме од коалицијата БЕСА и ВМРО ДПМНЕ да ја повлечат одлуката за уривање на крстот на Попова Шапка. Тетово е град со многу предизвици за кои општината треба да се грижи, но кај оваа власт нема идеја за проекти туку за партиски интереси“, изјави Глигорие Стојановски советник на СДСМ при советот на Општина Тетово.

Напротив ние како дел од локалната власт работиме на безброј проекти во градот, одговорија од советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Од советничката група на ДУИ, пак изјавија дека со поставувањето на крстот Касами си поигрува со чувствата на Албанците.

„Оваа година меѓу другото ќе биде запаметена по тајниот договор меѓу Билал Касами и ДПМНЕ за поставување на крстот на Попова Шапка, чин кој покажа многу тензии и политики. Градоначалникот Касами уште еднаш покажа дека е подготвен да си поигрува со верските и националните чувства на Албанците во замена за негово поволно политички позиционирање“, рече Лиридон Диша – советник од ДУИ во Советот на Општина Тетово.

Тетовско-гостиварска епархија неделава информираше добила решение од Општина Тетово за отстранување на крстот, поставен на црковен имот на Попова Шапка. Оттаму најавија дека ќе поднесат жалба.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16-ти ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот „Св. Наум Охридски Чудотворец“. Од Црковниот одбор посочија дека е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.

 

Зоран Димовски