Јавен сервис

79 години Македонска Радио- телевизија

28.12.2023 15:04

Денеска одбележуваме 79 години Македонско радио и 59 години Македонска телевизија. На 28-ми декември во 1944-та година, веднаш по ослободувањето, на куси бранови од 50 метри, официјално се емитуваше првиот македонски збор...

Ентузијасти, без механизација и само со помош на добиток, за да се постави првиот предавател на Црн врв. Континуиран професионален растеж, развој до најсовремено студио со високи перформанси на емитување на ТВ и радиопрограма- Mакедонска Радио-телевизија.

Јавниот сервис кој од далечната 1944-та година со легендарното „Зборуе радио Скопје“ на Владо Малевски, 79 години ја рефлектира јавната мисла, известува и создава ТВ програма од јавен интерес и креира јавно мнение. Несомнено таа е столбот на македонскиот медиумски суверенитет. Со програма за секоја целна општествена група, МРТ е најспецифичниот јавен сервис не само на Балканот, туку и во светски рамки.

Македонското радио сега има четири програмски сервиси и сателитска програма која зрачи на средни бранови, а тоа значи 24 часовна едукативна, забавна и информативна програма. Ги надмина сите предизвици соочувајќи се со сите модерни медиуми и социјални мрежи.

Македонската телевизија, емитува програма на седум канали на седум јазици. Децении наназад градеше професионален новинарски и технички кадар и со право го има епитетот на расадник на медиумски работници. Етичките норми и професионалните стандарди се приоритети при создавањето на медиумските содржини.

Македонската телевизија наскоро стартува со нови судија по најнова технологија и по стандардите на европските и светски јавни сервиси.

 

Фиљана Кока