Логинг Електроникс донираше електронски системи на ФЕИТ

06.06.2014 13:32

Со оваа донација, Друштвото за производство, трговија и услуги „Логинг Електроникс“, ја продолжува традицијата на поддршка и помош на Факултетот и континуирано придонесува за подобрување на квалитетот на наставата...

Македонската компанија Логинг Електроникс донираше современи програмабилни развојни електронски системи од програмата на Arduino, Netduino и Raspberry Pi на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
 
„Ваквите системи наоѓаат голема примена во сите гранки од индустријата, автоматиката, електрониката, електричните мерење и друго и се од голема важност во образовниот процес на техничките факултети. Целта на донацијата е да се збогатат и осовременат наставните дисциплини на Факултетот, како и нејзина примена во изработка на дипломски работи и за научно-истражувачки цели“, вели професор Владимир Димчев од ФЕИТ.
 
Со оваа донација, Друштвото за производство, трговија и услуги „Логинг Електроникс“, ја продолжува традицијата на поддршка и помош на Факултетот и континуирано придонесува за подобрување на квалитетот на наставата.
 
Од друга страна, ФЕИТ повторно ја потврдува добрата соработка со индустрискиот сектор.
 
„Најголем дел од нашите вработени дипломирале на овој факултет и знаеме што значи да се има практична настава. Добро е праксата да ја извршат уште во текот на студирањето, во самата високо-образовна институција и кога ќе излезат на пазарот на трудот да бидат подготвени за работа. Затоа, во повеќе наврати, го поддржуваме Факултетот со вакви донации. Исто така, студентите доаѓаат кај нас на пракса, а дел од нив и се вработуваат во компанијата “, вели директорот на Логинг Електроникс, Златко Крстевски.