Привршува огласот за набавка на комбајни
До утре сите земјоделци кои имаат намера да купат комбајн за жетва на житни култури, можат да побараат финансиска помош од Платежната агенција во висина од најмалку 50 проценти од вредноста на инвестицијата. Аплицирањето е електронски, а барањата со ист број бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на апликацијата...

Сите земјоделски стопанства кои имаат најмалку 10 хектари обработлива земјоделска површина под пченица, јачмен, р’ж, тритикале или овес, ќе можат да аплицираат за набавка на комбајни за жетва на житни култури.
Средствата се обезбедени од програмата за рурален развој, а право на субвенционирање имаат сите регистрирани земјоделски стопанства.
Вкупната прифатлива сума по корисник е до 3 милиони денари, а поддршката се исплаќа по принцип на кофинансирање во висина од 50 проценти од вредноста на комбајнот.
Средствата се доделуваат за периодот на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.
Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 барања по различни мерки имајќи ги предвид и останатите основи од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година.
Изборот на корисниците е по пат на рангирање.
Електронски пополнетото барање е потребно да се испечати и потпише и заедно со целата потребна документација да се достави по пошта или лично во Платежната агенција до 30-ти декември 2023 година.
Методија Трајков
