Седум нови кривични пријави за насилствата во Ѓорче Петров

06.06.2014 14:03

Скопската полиција поднесе кривична пријава против нови седум лица поради учество во насилствата и кражбите во населбата Ѓорче Петров на крајот на минатиот месец, информираше Министерството за внатрешни работи...

СВР Скопје-Одделението за имотни деликти, до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против А.В (24),  А.И. (53), Ф.С. (21), М.Г. (18) М.З. (17), П.Ј. (16) и С.Т. (16), сите од Скопје поради постоење на основано сомневање дека на 19/20 минатиот месец сториле кривично дело - “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, а А.В. и П.Ј. сториле и кривично дело – “тешка кражба“. Со сторените кривични дела причинета е материјална штета од околу 18.000.000 денари, а А.В. и П.Ј. се стекнале и со противправна имотна корист од околу 191.800 денари. На прво и второпријавениот Судија од претходната постапка им изрече мерка притвор во траење од по осум дена.

Имено, пријавените  на 19.05. околу 19,00 ч. се собрале пред болницата „Св. Лазар“ во населба Ѓорче Петров, со цел да изразат револт  во врска убиството на Ангел Петковски, како и насилствата и кражбите  што се случуваат во населбата Ѓорче Петров, кои според кажувањето на мештаните, ги вршат лица од околните села, а притоа за влегување и излегување од населбата ги користат пешачкиот мост од рекреативниот центар Сарај и пешачкиот мост кај стадионот на ФК Македонија. Насобранта толпа, по изразениот револт пред болницата, почнала да се движи по улица „Ѓорче Петров“ при што пријавените А.В., А.И., Ф.С:, М.З. и П.Ј.учествувале во каменување на два автобуси на ЈСП и оштетување на шест објекти кои се лоцирани по ул. „Ѓорче Петров“ како и казиното „Сенатор“. Покрај каменувањето на автобусите и оштетувањето на објектите А.В. и П.Ј. во казиното „Сенатор“ извршиле и кривично дело тешка кражба, при што одземале пари и се стекнале со противправна имотна корист од околу 191.800 денари.

Наредниот ден, кога повторно поради истата причина, биле организирани протести во населбата Ѓорче Петров, П.Ј., С.Т. и М.Г., водени од една група маскирани лица, повторно влегле во казиното „Сенатор“, при што учествувале во  демолирање и палењето на инвенатарот, кој од претходниот ден останал необезбеден во објектот.

Инаку, од седумтемина пријавени, само П.Ј. и С.Т. се регистрирани нарушители на јавниот ред и мир за што им се  поднесени соодветни прекршочни пријави.