Здравство

Респираторен вирус го наполни детскиот оддел во кумановската болница

29.12.2023 10:12

Вирусот го наполни детскиот оддел во кумановската болница. Најмладиот пациент е новороденче од месец дена. Дневно се прегледуваат до 80 дечиња од североистокот …

Зголемен број на заболени дечиња, регистрира детското одделение при кумановската болница. Претпразнично хоспитализирани се 15 деца, а останатите со полесна клиничка слика се пуштени на домашно лекување. Од установата информираат дека испитувањата покажале дека во 90 отсто од случаите станува збор за респираторен вирус.

Најмладиот пациент со опструкции на детскиот оддел е новороденче од месец дена. Во дневната болница се лекуваат 25 дечиња.

Лекарите за 24 часа на овој оддел прегледуваат по дури 80 дечиња од регионот.

„Првин кај децата се јавува температура, два до три дена со горнореспираторни симптоми, носна секреција, кашлица која е ретка и надразнителна. По два-три дена може нагло да се влоши состојбата со опструкции, пневмонии, тешки бронхиолити. Овој месец имавме пациенти кои се лекуваа и по месец дена, со кислородна терапија, по три-четири дена изјави началничката на детското одделение при кумановската болница“, изјави д-р Ферихан Бајрами.

Здравствените работници се надеваат дека состојбата ќе се стабилизира, бидејќи започнува зимскиот распуст и ќе се намалат контактите. Апелираат просториите да се проветруваат, да се консумира храна богата со витамини. Доколку се забележат симптоми дечињата да се не праќаат.

 

Елена Георгиевска