Охрид полн со туристи за Нова година
Охрид е подготвен да ги дочека гостите кои новата година ќе ја дочекаат во овој наш најголем туристички центар. Информациите кои доаѓаат од хотелиерите и угостителите говорат дека нивните објекти во текот на новогодишните празници ќе бидат исполнети, така што се очекува новото лето да биде дочекано во убава атмосфера, со многу музика, песна и полни трпези. Покрај домашните туристи во градот најбројни ќе бидат славениците од Србија и Бугарија, како и од другите соседни земји...

Од денеска Охрид започна да се полни со гости кои Новата година ќе ја дочекаат на брегот од Охридското Езеро. Во просек поголемите хотелски објекти ќе бидат исполнети помеѓу 80 и 90 проценти, додека дел од помалите и индивидуалните сместувачки капацитети се целосно распродадени. Централното градско подрачје е прекрасно украсено, а за сликата да биде потполна недостига само снежна покривка. Сепак тоа нема да влијае за доброто расположение на домаќините и гостите.
„Ние доаѓаме од Италија тука за новогодишните празници“.
„Прекрасно е украсено, имате прекрасна музика, а за Нова година времето ќе го минам со моето семејство кое ќе допатува од Јапонија“, гостинка од Јапонија.
„Јас живеам во Грција со жена ми Гркинка и ќе славиме во Грција. Се враќаме утре, ќе славиме таму Нова година. Дојдовме да го видиме татко ми, тука живее“.
Првиот човек на Охрид вели дека новогодишните празници се шлаг на торта кога станува збор за успешната туристичка година.
„Очекуваме успешна Нова година преполна со туристи и се надевам дека сите ќе уживаат, а сите оние кои имаат можност секако дека ги поканувам за време на новогодишните празници да се во Охрид, да си поминат убави моменти“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Новогодишната треска во градот започна пред една недела, а во хотелите, рестораните и на плоштадите во Охрид се одржуваат предновогодишните забави кои ќе траат се до 31-ви декември.
„Му пожелувам на сите дечиња радост, успех, Среќна Нова година“.
Сашо Нелоски
