2 милијарди евра инвестиции од 2007-та до дeнес
Новите инвеститори, како и реализацијата на крупните инфраструктурни проекти, во делот на железничката и патната инфраструктура, дополнително ќе ја раздвижат домашната економија. За годинава се очекува позасилен економски раст од 3,5 проценти од БДП, а веќе во наредната, растот треба да достигне 4 насто...

Речиси 2 милијарди евра странски директни инвестиции (СДИ) се влезени во Македонија од 2007-та до денес. Повеќе странски компании донесоа одлука да отворат погони во земјава, а уште неколку ги скенираат бизнис – потенцијалите. Слободните економски зони се полнат со нови инвеститори, а дел од постојните компании ги проширија капацитетите.
„СДИ се еден од двигателите на економскиот раст на земјава и накреирањето нови работни места. Износот на СДИ, како и бројот на новите инвеститори, се зголемува од година на година, и тоа не е случајно. Од 2007-та до денес, речиси 2 милијарди евра странски инвестиции влегоа во Р. Македонија. Ова е резултат на квалитетните економски политики и спроведените реформи“ – изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Македонија е атрактивна бизнис – дестинација за американските компании. Кемет Електроникс вработи 500 луѓе, Амфенол во Кочани ќе креира 1.500 работни места, КСС во Кичево уште 1.000, додека Џонсон Контролс, со своите две фабрики во Скопје и во Штип, веќе вработува 1850 луѓе.
„Од ден на ден, сè повеќе компании покажуваат интерес да инвестираат во Штип, а тоа се должи и на добрата организираност на ТИРЗ Штип“ – изјави Славјанка Стојановска, раководител на ТИРЗ Штип.
Освен американски, земјава привлекува и германски инвеститори.
„Очекуваме дека и други германски компании ќе инвестираат во Македонија, бидејќи секоја германска фирма привлекува нови германски компании“ – изјави Маријан Малинов, македонско – германско стопанско здружение.
Предизвик со кој се уште се соочува земјава е да произведе кадри со соодветни квалификации.
„Во услови кога во земјава влегува сè поголем број на СДИ, заедничка обврска на Владата и на општините е да се зголеми економскиот потенцијал преку подобрување на квалитетот на работната сила, за да има зголемена продукција на стручни профили кои се бараат на пазарот“ - изјави Ставрески.
Ставрски очекува новите инвестиции и крупните инфраструктурни проекти да доведат до позасилен економски раст, кој за годинава е проектиран на 3,5 проценти.
Мартин Пушевски
