САД

Трамп отстранет од гласачкото ливче на прелиминарни избори во Мејн

29.12.2023 11:49

Нов удар врз кампањата на Доналд Трамп. По Колорадо, и Мејн го отстрани од гласачкото ливче за претседателските избори поради нередите во Капитол пред три години …

Демократскиот државен секретар на Мејн по стапките на Колорадо се повика на клаузулата во Уставот со која се забранува службени лица кои учествувале во „бунт“ да извршуваат функции. На републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп му се забранува учество на предизборите за трката за Белата куќа во 2024 година. Трамп е обвинет за неговата улога во упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година.

„За да биде јасно, тој останува на гласачкото ливче во Колорадо и Мејн. И државниот секретар на Мејн и Врховниот суд на Колорадо ги задржаа своите одлуки додека случајот не биде обжален. Врховниот суд на САД е тој што ќе ја донесе конечната одлука дали Трамп може да остане на гласачкото ливче во тие два случаи“, изјави Ник Рикарди од „Асошиетед прес“.

Кампањата на Трамп соопшти дека ќе ја обжали одлуката до државните судови во Мејн исто како и во Колорадо. Претходно, опонентите на Трамп од Републиканската партија изразија незадоволство од судските одлуки. Според нив, единствено гласачите треба да решат кој треба да биде кандидат за шеф на Белата куќа.

 

Маријана Димовска