Палевски во затвор во Баликесир, продолжува постапката за екстрадиција
Љупчо Палевски, осомничениот за двократно убиство на 14-годишната Вања и 74 годишниот Панче е во затворена казнено поправна установа во турскиот град Беликесир, откако му е одреден притвор од турските власти. Голема е веројатноста Палевски да го искористи правото да го обжали притворот...

Љупчо Палевски, осомничениот за двократно убиство на 14-годишната Вања и 74 годишниот Панче е во затворена казнено поправна установа во турскиот град Беликесир, откако турските власти му одредиле мерка привремен затвор. За оваа постапка Јавното обвинителство на Република Турција со допис го информирало Министерството за правда во земјава.
„Лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело“ намерно убиство на дете, согласно законот 6706 член 14, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена“, се наведува во дописот.
Со ова продолжува постапката за координирање на активностите околу екстрадицијата на Палевски, велат за МТВ од Правда. Голема е веројатноста дека Палевски ќе го искористи правото да го обжали притворот. Доколку му биде одбиено, можно е да побара азил, за што постојат исто така законски рокови. Но, се оди во насока екстрадицијата да биде извршена. Претходно и од истанбулската Адвокатска комора за МТВ посочија дека екстрадицијата ќе се врши според Европскиот договор, што го имаат потпишано двете земји.
„Се очекува дека Северна Македонија ќе го почитува рокот за преземање на Палевски. Ако не го преземе Палевски на точно определениот датум со Турција, во Турција може да биде притворен најмногу 40 дена, по што би бил ослободен“, вели адвокатот Мехмет Чимен.
Одговорајќи на новинарско прашање за дерегистрација на партијата „Десна“ чиј лидер е Палевски, а другите осомничени во случајот, се нејзини членови, рече дека Обвинителство е надлежно да поднесе барање за дерегистрација. Сепак, доколку е потребно, МВР да испрати писмо до нив, тие се подготвени и на тоа.
Фиљана Кока
