Здравство

Меџити ветува дека со новите вработувања ќе се пополни недостигот од кадар

29.12.2023 14:07

Со направените измени, повеќе да не се чека министерот за финансии да стави потпис за нови вработувања, од здравство очекуваат да се амортизира удар и да се вработат нови медицински сестри и кадар во брзата помош. Ама, тоа нема да оди преку трансформација, па освен тие кои се со договор на дело, преку конкурсите ќе се ангажира и кадар однадвор...

Поради сомнеж дека на новите 1.117 огласи, наместо вработените со договор на дело во здравствените установи ќе се примат луѓе од надвор – независниот синдикат му нуди предлог на министерот за здравство. Покрај основните услови, на огласите да се бара доказ дека кандидатот во здравствената установа во континуитет работел три или четири години и потврда со потпис од раководителот, главната медицинска сестра и еден колега. Од Синдикатот предупредија дека на конкурси во Градската болница „8 Септември“, детска хирургија и други места веќе се вработени луѓе кои никогаш не биле дел од здравствената установа.

Секој кој ги исполнува условите ќе може да се пријави на огласот – посочува министерот за здравство. Тоа значи дека ќе можат да аплицираат кандидати од надвор. Сепак Меџити вели ќе се залага во здравствениот систем да се задржат квалитетните кадри.

Околу 2.000 вработените во здравствените установи со години работат со договор на дело и без здравствено осигурување и за плата од 20 илјади денари. Од јануари, од ресорот најавуваат нови вработувања на медицински сестри и лекари.

 

Андријана Ѓурческа