Светот се сеќава на „Денот Д“

06.06.2014 16:08

Светските државници им оддаваат почит на војниците кои учествуваа во ослободувањето на европа од фашизмот пред 70 години. Одбележувањето на годишнината почна вчера, кога 300 британски падобранци скокнаа во ранвил, првото ослободено место во Франција...

По повод 70-годишнината од „Денот Д“, во Нормандија се одбележува историското истоварување на сојузничките трупи кои ги покорија нацистичките сили во Втората светска војна. На 6 јуни 1944, 156 000 војници од Британија, САД и Канада извршија инвазија на Нормандија каде што се одигра една од клучните битки во Втората светска војна.

Годинашната церемонија беше отворена во 9 часот со оддавање почит на 20.000 цивилни жртви на битката на Нормандија, а потоа државниците заминаа на американските гробишта во Колвил-сур-Мер каде што почиваат 10.000 војници. Главниот настан е закажан попладне на плажата Сорд Бич, на кој ќе присуствува и англиската кралица.

„Чест ми е што присуствувам на оваа голема комеморација за да им оддадам почит на луѓето што направија многу за нас и за слободата“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Обединетото Кралство.

„Цивилите им даваа поддршка на сојузниците во текот на целата битка против непријателот. Нормандија беше уништена од воздушните напади кои траеја со месеци. На денешен им оддаваме почит и на војниците и на цивилите“, рече Франсоа Оланд, претседател на Франција.

Францускиот претседател Франсоа Оланд вети дека ќе даде се од себе да се оствари средбата меѓу рускиот и украинскиот претседател којашто привлекува големо медиумско внимание. Претходно, Путин изјави дека ќе прифати средба, најавувајќи дека можеби ќе и седне на иста маса со американскиот претседател Барак Обама кој ја завршува европската турнеја.

Светските медиуми известуваат дека годинашната прослава ќе биде последната на која ќе присуствуваат повеќето ветерани од Денот Д имајќи предвид дека поголемиот дел од нив се во деветтата деценија од животот. „Денот Д“ се одбележува на секои 5 години.

Инаку, инвазијата на Нормандија под шифрата Операција Оверлорд, е најголемата поморска инвазија во историјата на војувањето. Сојузничките десантни сили броеја 73 илјади американски, 60 000 британски и над 20 000 канадски војници со поддршка на француски командоси. Во битката во Нормандија сојузниците загубија 37.000 војници. Загубата кај германската страна беше речиси двојно поголема.

 

Маја Филдишев