Јавна седница за дисциплинска одговорност

Адеми: Исходот на постапка ќе ја одреди иднината на македонското судство

29.12.2023 16:28

Јавна седница во Судски совет за утврдување дисциплинска одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми поради тоа што отсуствувала од седниците на Советот. Но, ѝ се забележува и за интервјуто, во кое таа посочи дека судот се соочил со притисоци и закани. Адеми порача-исходот на постапка ќе ја одреди иднината на македонското судство…

Повеќе од три часа траеше расправата на седницата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која на нејзино барање беше јавна.

Иницијативата ја покрена членот на Судскиот совет, Милјазим Мустафа по нејзино интервју во коешто говореше за политичките притисоци врз институцијата со којашто раководи, за да се оживее амнестијата што ја потегна екс-претседателот Иванов.

На Адеми ѝ се забележува и дека не доаѓала на седниците на Судскиот совет. На жестоката расправа на седницата, подносителот Мустафа истакна дека Адеми не поднела доволно докази за нејзиното отсуство со што го прекршила законот.

„Исходот на постапката ќе ја одреди иднината на судството“-со оваа порака ја почна својата одбрана претседателката на Врховниот суд.

Во своја одбрана Адеми го посочи фактот дека во извештајот на Европската комисија, институцијата со која таа раководи е единствената од областа на правосудството која добила позитивна оценка.

Адеми рече дека не одбила средба со членовите на Судскиот совет, туку оставила можност, средбата да се одржи подоцна. Што се однесува, пак, до отсуството од седниците, таа рече дека нејзиното присуство како член по функција не е неопходно за работата на ова тело, дотолку повеќе што и Брисел укажува дека министерот и претседателот на Врховен не треба да присуствуваат на седниците.

Главната причина за барањето за разрешување на Адеми е нејзиното интервју, рече адвокатката на Адеми.

По низата скандали, Судскиот Совет оваа година се најде под лупата на Европската Унија. Оценската мисија препорача 40 мерки за реформи на ова тело.

Марина Стојанова-Тонева