Чевларство

Во Куманово кризите оставија последици во чевларството

30.12.2023 09:02

Првин пандемијата, потоа енергетската криза оставија значајни последици во чевларскиот сектор. Во Куманово чевларите се соочуваат со недостиг на кадар. Затворени се и неколку мали фирми …

Чевларите сè уште не можат да се справат со последиците коишто ги остави ковид пандемијата, а потоа и енергетската криза. Во Куманово секторот се соочува со намален број на вработени, бидејќи повеќето се иселија од државата. Се затворија и голем број фирми. Според податоците на здружението на чевлари во оваа индустрија во градот работат 20-тина, мали и средни претпријатија. Најголем дел од нив произведуваат полуготов производ. Останатите нудат готови производи за домашниот и странскиот пазар. Кризата го погоди и најголемиот партнер Италија. Па поради царински олеснувања голем дел од нив производството го преселиле во Тунис и Албанија. Сепак се задоволни од соработката.

„Многу голем број на фирми ни се затворија останавме без квалификувани работници, бидејќи поголем дел се иселија. Останавме без помош од државата, тоа што беше малку беше укинато. Едвај се одржуваме и се надевам ќе ја пребродиме и ќе заврши оваа војна и ќе се стабилизира економската состојба“, изјави Лидија Милановска, претседателка на Здружение на чевлари Куманово.

Од здружението предлагаат да се размислува за увоз на работници. Посочуваат и дека со години се соочуваат со нелојална конкуренција, увоз на производи од Турција.

„Може да се работи има успешни фирми кои работат за извоз за надвор инаку доста е намалена работата, од странските држави и таму е лоша состојбата како и кај нас, но може да се опстане“, истакна Среќко Стоилковски, сопственик на компанија.

Во оваа индустрија во Куманово се ангажирани над 500 работници.

Актуелниот градоначалник на Куманово во изборната кампања најавуваше изградба на мини мол наменет за компаниите кои се занимаваат со чевларство и текстил. Со тоа требаше да се подобри малото и средно стопанство. Од ветувањето сè уште нема ништо.

 

Елена Георгиевска