Масовни руски напади врз Украина, најмалку 30 загинати
Русија изврши најмасовни воздушни напади врз цели низ Украина, незапаметени уште од раните денови на војната што почна пред две години. Загинати се десетици, повредени стотици. Зеленски ја повика меѓународната заедница да го осуди рускиот терор. По последните случувања нови ветувања за воена поддршка на Киев...

Најжесток руски воздушен напад врз Украина од почетокот на војната. Загинаа најмалку 30 луѓе, а стотици се ранети. „Не удрија со речиси сè што имаат во својот арсенал“, изјави претседателот Зеленски, повикувајќи ја меѓународната заедница да одговори на најновите руски воздушни напади.
„Важно е светот да реагира на овој најнов чин на терор. Благодарен сум им на сите војници кои се на линијата на фронтот. Тешко е, но се бориме, нашите момци ја одржуваат Украина во живот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Училишта, породилиште, трговски центри и станбени згради се меѓу погодените објекти. Жителите во страв и неверување од масовните руски удари.
„Кога удри гранатата, се засолнивме во аголот. Сопругата и детето беа преплашени. Им ги покрив ушите. Летаа парчиња насекаде, тука, таму“, изјави локален жител на Дњепар.
„Имаше експлозија, потоа пламен. Побегнав во станицата на метрото“, изјави жителка на Киев.
Руските власти тврдат дека цел на нападите биле единствено воени објекти.
„„Извршивме 50 групни и еден масовен напад врз воено-индустриски објекти, воздушни бази, арсенали и складишта со муниција. Погодени се локации на украинските вооружени сили, националистичките формации и странските платеници“, изјави Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија.
За време на нападите руска ракета помина низ воздушниот простор на полска.
„Проектилот ја премина полската територија. Ги насочивме силите и авионите кои требаше да ја пресретнат и соборат доколку е потребно“, изјави Вислав Кукула, началник на генералштабот на полските вооружени сили.
Последните случувања во Украина предизвикаа меѓународна осуда и нови ветувања за воена поддршка на Киев.
Бојана Крстевски
