Обвинителство

Обвинителството поднесе обвинение против 18 лица и една фирма од Кочани за криумчарење автомобили

30.12.2023 12:46

Обвинителството поднесе обвинение за 18 лица и една фирма од Кочани за криумчарење луксузни автомобили, царинска измама и злоупотреба на лични податоци...

Скопското Обвинителство ја заврши истражната постапка и поднесе обвинение против 18 физички и едно правно лице, автосалон од Кочани, за криумчарење, фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки и царинска измама и злоупотреба на лични податоци. Меѓу обвинетите се и пет службени лица, референти за управни работи во МВР кои имале задача да обезбедуваат регистарски таблички и сообраќајни дозволи, изработени со фалсификуваните документи, спротивно на Законот за возила. Во текот на истрагата јавниот обвинител обезбедил докази дека овој начин бил искористен за криумчарење на 15 возила со проценета вкупна вредност од над половина милион евра.

„Во периодот од август 2020 година до април 2022 година, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки-луксузни автомобили во вкупна вредност од големи размери. Тие ја избегнувале царинската контрола, фалсификувале службени исправи и лажните јавни исправи ги употребувале како вистински за да ги регистрираат автомобилите, потоа ги сокривале и меѓусебно ги препродавале по неколкупати, во краток временски период“, информираа од скопското Јавно обвинителство.

Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи, за да им се прикрие потеклото.

„Обвинетите, службени лица од МВР, вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација. По повеќекратната меѓусебна купопродажба, обвинетите трајно ги отуѓувале автомобилите, продавајќи ги на физички и правни лица во државава“, информираат од Обвинителството.

За тројца од обвинетите, меѓу кои и една српска државјанка со привремен престој во Македонија, надлежниот јавен обвинител предложи да им биде продолжена претходно определената мерка притвор. За истиот кривично-правен настан веќе има една правосилна пресуда против обвинет врз основа на спогодба, додека за едно инволвирано лице постапката е прекината, бидејќи е недостапен на органите на прогон.

 

Милчо Велевски