Маглата ги одложи летовите на скопскиот аеродром
Празниците почнуваат а авионите не можат да слетаат на скопскиот аеродром. Густа магла се спушти во главниот град уште рано утрината. Слаба видливост на неколку патни правци, се препорачува внимателно возење. Но маглата направи сериозни проблеми на воздушниот сообраќај. Со потешкотии се реализираат летовите во земјава...

Авионот што требало да полета во 09.00 часот наутро за Анталија најавено е дека ќе доцни шест и пол часа на страницата на ТАВ. Ќе успеат ли нашите иселеници или гостите кои празниците испланирале да ги дочекаат во Македонија да стигнат на време поради густата магла? Туристичките работници се надеваат дека нема да има зачестени пренасочувања на авиосообраќајот.
Некои со евтини автобуски аранжмани 2024-та ќе ја дочекаат во земјите од соседството и регионот и ќе им бидат потребни околу 100 евра. Други пак, ќе отпатуваат на егзотични дестинации и ќе ги чини и до 10.000 евра, а бројот на такви патници расте од година во година. Џебот на граѓаните ја одредува дестинацијата, велат туристичките работници.
Современиот начин на живеење се помалку дозволува слободно време и истото да се помине со најблиските, дома. Па многумина на празниците гледаат време посветено на семејството и домот.
За некои дочекот на Нова година не е само ресторан и добра музика туку можност да се замине на чист воздух, на скијање. Нашите граѓани велат туристичките работници паметно патуваат, резервираат на време и ги користат попустите при раните резервации.
Во нашите ски-центри има снег и за сега се најавени туристи од Косово и Албанија во Маврово и Попова Шапка.
Александра Велинова
