Политика

Во јануари нови политички калкулации околу формирање на техничката влада

30.12.2023 16:36

Јануари ќе биде месец за нови политички калкулации. Кои ќе бидат времени министри и заменици во техничката владата од власта и опозицијата и како ќе функционираат заедно, дали ќе имаат исти цели? На стартот на годината се очекува и лидерската средба...

Додека го очекуваме формирањето на техничката влада со рок на траење од 100 дена, опстојуваат калкулациите кои ќе бидат времени министри и заменици од опозицијата, па и тоа дали првиот вицепремиер ќе остане на функцијата. Извесно е само дека актуелниот собраниски спикер Талат Џафери ќе седне во премиерската фотелја на „Илинденска“, а многу веројатно е дека техничката влада како техничка ќе биде последна. Тоа што е во очекување е лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски за која едниот вели ќе биде без помпезност и најава, а другиот дека сепак ќе е со најава и изјави.

И додека Ковачевски не верува многу, Мицкоски се надева на точноста на анкетите кои покажуваат два спрема еден во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ќе учествува во техничката влада, но нема да гласа за техничкиот премиер.

Политиката не може да ја заборавиме во новата година, особено што не чекаат претседателски и парламентарни избори и повторно, кој ќе биде премиер, а кој министер. До тогаш се проблематизира изборот на новиот член на ДИК, за што се кршат копјата во Собранието. Останува на нас обичните како и секоја година, да се надеваме на подобро.

 

Миле Ристески