Празнична приказна во Скопје, полно со домашни и странски туристи
Во метрополата е раздвижено, граѓаните ги прават последните подготовки пред почетокот на најлудата ноќ. Новогодишните желби се да престанат војните, а децата да живеат безгрижно...

Нова надеж, нови молитви за подобро утре. Во метрополата е раздвижено, граѓаните ги прават последните подготовки пред почетокот на најлудата ноќ. Предновогодишната магија се чувствува, но се чини најголема е возбудата кај најмладите. Дечињата на плоштадот „Македонија“ другаруваа со познати ликови од цртаните филмови и со Дедо Мраз. А секое детенце со желби до него. Тој ги слушна нивните соништа и им посака безгрижно и мирно детство.
Скопје е полно со странски туристи кои решија дочекот на Новата година да го прослават тука. Новогодишните желби се да престанат војните, а децата да живеат безгрижно.
На плоштадот „Македонија“ штандови со греено вино, жива музика и новогодишна програма за сите кои ќе решат овие денови да ги поминат на отворено.
Спокоен сон, ведра мисла, добро здравје и љубов од саканите нека бидат само дел од убавите нешта во новата година.
Александра Спировска
