регион

Илјадници луѓе на протест во Белград додека тече прегласувањето за вонредните парламентарни избори

30.12.2023 17:49

Илјадници луѓе излегоа на улиците во Белград, бараат поништување на изборите. Денеска во Србија почна гласањето на 35 избирачки места...

И додека во Србија денес 15.000 граѓани повторно гласаат на 35 поништени бирачки места, опозиционата коалиција „Србија против насилството“, истите ги бојкотира, и одржа масовен протест на Теразије, во центарот на Белград.

На протестот, на кој беа повеќе илјади граѓани, организаторите од иницијативата „Проглас“, интелектуалците, студентите и лидерите на опозицијата упатија порака за поништување на изборите и одржување нови избори, по прочистувањето на избирачкиот список.

Следните чекори на опозицијата се продолжување на протестите, борба во државните институции и барање поддршка од меѓународната заедница.

„Овој проблем е работа која треба да ја решаваат луѓето во Србија. На институциите многу не сметам бидејќи тука владее политичка проституција, а меѓународната заедница нека се запраша, дали ова што се случува овде би го дозволиле Германицте, Французите, Италијанците, Американците. Ние нема да отстапиме“, изјави Александар Јовановиќ-лидер во „Србија против насилството“.

Истовремено, Републичката изборна комисија, денес, по приговорите реши на 2 јануари да има ново прегласување на уште 8 избирачки места, а претседателот Александар Вучиќ најави дека Собранието и новата влада ќе бидат формирани до крајот на февруари.

Граѓаните по митингот продолжија со прошетка и блокада по централните белградски улици се до Вишиот суд.

 

Оливер Бранковиќ