М-НАВ

Масовни оставки во македонската навигација по изборот на новиот кадар во контролата на летање

31.12.2023 12:42

Масовни оставки во македонската навигација. Директор и раководители на сектори незадоволни од изборот на кадар за инженери во контролата на летање, решија да ги напуштат челните места. Се огласи директорот на М-НАВ кој вели дека вработувањата и огласот се согласно законот. Инаку претходно, Синдикатот најави дека ќе стапат на штрајк и ќе го затворат македонското небо, но по преговори со министерот Бочварски, одлуката беше повлечена...

Еден од тројцата директори на државната компанија за контрола на летање во М-НАВ, Љубе Стаменковски и инженерите на раководните инструкторски места поднесоа оставки, откако пропаднала селекцијата на кандидати на огласот за инженери. Според нив, иако не ги решиле тестовите за селекција, кандидатите биле примени на работа. Синдикатот најави дека одлуката ќе ја оспорат пред Управниот суд.

МТВ побара изјава и од извршниот директор на М-НАВ Фахрудин Хамиди, но не сакаше да каже конкретни детали и не упати на писменото соопштение. Вели дека законите не се прекршени и дека кандидатите се примени на работа според истите услови како и претходните огласи и дека се работи за политика.

„Во систематизацијата на м-НАВ за инженер приправник пишува дека има диплома од електротехнички науки, 2 години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање англиски јазик. Интервју се спроведува доколку има двајца или повеќе кандидати кои ги исполнуваат условите за едно работно место. Во нашиот случај со инженери и техничари, имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се нагласи дека со договор овие услови се имплементирани во М-НАВ пред 4 години, и за истото немаше негодување“, стои во соопштението од Хамиди.

Пред десет дена контролорите на летање се заканија со предупредувачки штрајк за католички Божик и за Нова година, како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, кои според Синдикатот, се спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври.

По преговорите со министерот за транспорт Бочварски штрајкот беше ставен во мирување. Синдикатот и во октомври најавуваше штрајк со барање да им се подобрат условите за работа во контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе како што велат „нормална селекција на кадар потребен за вработување“. И лани во ноември имаше проблеми со конкурсот за вработување во М-НАВ, откако Синдикатот на контролорите изрази сомнеж дека во државната компанија има планови за поништување на огласот, бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери.

Примените кандидати, двајца инженери и 1 техничар ќе бидат на тренинг, согласно програмата за обука, која ќе трае една година. Безбедноста во ниту еден случај не е загрозена, со оглед дека истите нема да бидат вклучени во оперативно делување пред стекнување соодветно овластување од стручните инструктори. Доколку не се стекнат со горенаведеното овластување согласно систематизацијата, ќе добијат отказ од работа, велат од М-НАВ.

 

Милчо Велевски