регион

Излезноста на повторените избори во Србија речиси двојно помала од 17-ти декември

31.12.2023 13:06

По прегласувањето на 35 избирачки места, Вучиќ прогласи победа на изборите и најави дека изборниот процес ќе заврши за 10 дена. Опозицијата бојкотираше и продолжува со протестите …

Откако РИК ги одби приговорите на опозицијата и по вчерашното прегласување на 35 избирачки места, претседателот Александар Вучиќ прогласи победа на изборите, најавувајќи дека СНС освоила 130 од можни 250 пратенички места во собранието.

„Во следните 10 до 12 дена ќе заврши изборниот процес. Ќе има уште еден изборен круг, на 2 јануари ќе се повторат изборите на осум избирачки места. Сè уште го пресметуваме количникот, ни се чини дека ни недостасуваат 700 до 800 гласа за уште еден мандат за листата „Србија не смее да застане“. Се бориме за секој глас. Потоа доаѓаат роковите, кога ќе се прогласат резултатите имаме можност за консултации и тогаш ќе почнам да разговарам со останатите изборните листи“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Р. Србија.

Вучиќ најави дека во рок од 30 дена по прогласувањето на конечните резултати, Собранието ќе одржи конститутивна седница, по што до крајот на февруари или почетокот на март Србија ќе има нова влада, наведувајќи дека сè уште нема решено кој ќе биде нов премиер.

Тој наведе дека за белградските избори нема мнозинство, како и да изборната листа на Бранимир Несторовиќ ќе одлучува дали ќе се направи мнозинство или ќе се оди на нови избори за град Белград.

Опозицијата вчера поради изборна кражба ги бојкотираше повторените избори, одржувајќи мирен протест на Теразије во Белград на кој имаше над 10.000 лица, барајќи поништување на изборниот процес. Тие најавија и продолжување на протестите, борба низ државните институции и барање поддршка од меѓународната заедница.

 

Оливер Бранковиќ