Трилогија за јубилејот на театарот „Антон Панов“
Струмичкиот театар „Антон Панов“ со трилогијата „Вечна игра“ го одбележа 65 годишниот јубилеј од постоењето. На сцената настапија и пензионираните актери кои заедно со младите ги пренесоа дејствијата на трите текста споени во една добро одиграна претстава...

65 години постоење. 65 години надградување на современите театарски форми и содржини. 65 години зачувување на естетските поимања на граѓанството и пулсот на Струмица. Театарот „Антон Панов“ со четиричасовна изведба на најпознатите пиеси кои на сцената ги донесле великаните на струмичкото глумиште го одбележа големиот јубилеј. 12 актери, сегашни и пензионери се навратија на култните текстови на Митко Маџунков во Трилогијата „Вечна игра“ во режија на Бранко Ставрев.
„Тие поверуваа и во мојот концепт дека може трилогијата на Манџуков да се одигра во една вечер“, изјави Бранко Ставрев, режисер на претставата.
„Тоа е една сериозна и забавна претстава која можат да ја гледаат и помлади и постари“, вели Митко Маџунков, автор.
„Големиот смок“, „Пустата земја“ и „Сенката“ ја прераскажаа непокорноста на Македонецот и неговата истрајност во сите времиња и во сите политички системи и вечната игра на актерите кои повторно со иста театарски жар ја воспоставија енергијата со сцената и публиката.
„Бидејќи сум божјо чедо ми помогна и Господ да имам снага, да можам и акробации на сцена да правам“, вели актерот Мите Гроздано.
„Имам свој удел, од тие 65 години, свои 45 години. Чувството е неверојатно“, рече актерката Тинка Ристевска.
Во склоп на големото театарско славје во Струмица беше отворена и изложбата на фотографии од скоро сите претстави кои беа одиграни на струмичката театарска сцена.
Катерина Давчева
