Македонија

Жени кои уриваат табуа за професиите

31.12.2023 14:03

„Ако во Новото лето Господово првото родено бебе е женско годината ќе е бериќетна, плодна, ако е машко ќе е успешна и ќе мине во добро здравје“, и во 21 век табуата живеат. И тука некаде е тоа дека жените се предодредени за едни, а мажите за сосема други професии. Но неколку вистински приказни за дел од нив ќе ги побие сите сомнежи дека професијата е само умешност и не е ниту резервирана, ниту родово предодредена...

Меѓу првите зачекори во професија резервирана, до тогаш, само за мажите Весела Грковска со сигурност ги побива табуата кои и во 21 век постојат на нашите простори. Ништо не ја поколебало да се реши да биде жена ракувач на кран во тогашната „Рудници и железарници“, ни раскажува таа. Горда е што докажала дека жените се дури и поуспешни, поодговорни и многу повнимателни. А и ништо не е тешко кога се работи со љубов.

Веќе поодамна погонот во кој работела се затворил, а од оние жени кои можеле да се избројат на прсти верува дека барем некоја сè уште некаде ракува со кран.

Снежана Танчиќ вози тешко товарно возило народски кажано шлепер. Вози и во земјава и во странство. Чудни погледи и упатуваат само тука, но не и надвор од границите, вели.

Снежана го продолжи својот пат. На нејзината агендата е една снежна дестинација – Шведска, но тоа е нејзината работна задача.

А жената може да е истовремено и професорка, архитектка, проектантка и единствена дипломирана оџачарка во земјава.

Македонија има и аѓутантка, и командир на најуспешниот вод, и пожарникарки и единствена жена пилот на патнички авион и многу други способни и силни жени.

Ако по овие жени се познава годината, веројатно таа ќе биде можност за многу други да работат тоа што сакаат, а не тоа што им го наметнува општеството.

 

Фиљана Кока