Политички реакции по приведувањето на внукот на лидерот на ДУИ, Обвинителството допрва ќе одлучува
Обвинителството допрва ќе одлучува како ќе постапи во случајот со Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети кој синоќа беше фатен во Скопје со повеќе од 700-тини пиротехнички средства. Тој откако помина на испитување во полициска станица неколку часа, е пуштен дома. За опозицијата ова е уште еден скандал во низата на оваа власт...

По апсењето и испитувањето во полициска станица Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети е пуштен на слобода, а СВР Скопје поднело соодветен поднесок до Јавното обвинителство. Од таму, посочуваат дека за какво дело ќе се гони 25 годишниот Дрин останува да одлучи обвинителот откако ќе бидат утврдени фактите преку вештачење на пиротехничките средства пронајдени во неговиот џип. Вкупно 749 парчиња. Џипот кој го управувал младиот иноватор и бизнисмен бил сопрен од полицијата на улицата „Самоилова“ во Скопје, по откривањето на петардите во возилото со албански регистарски таблички веднаш бил пренесен во полициската станица „Центар“ каде останал три часа. И додека владејачките СДСМ и ДУИ не го коментираат, опозициската ВМРО-ДПМНЕ апсењето на внукот на Али Ахмети го нарече скандал и побара одговори.
Дрин Ахмети предизвика низа реакции откако беше обелоденето дека на 25 години станува косопственик на трговскиот центар „Соравија“. Претходно од Фондот за иновации добил два гранта во вредност од 82.000 евра.
Миле Ристески
