свет

Пристигна Новата година во дел од светот

31.12.2023 15:43

Новата година пристигна на Кирибати, Австралија и Јапонија. Останатиот дел од светот го чека часот да отчука дванаесет. Еве ги желбите на граѓаните ширум земјата...

Новата 2024 пристигна во дел од светот. Први ја дочекаа жителите на островската држава Кирибати со огномет и забави на отворено. Неколку минути подоцна здравица и добро здравје си посакаа и жителите на Нов Зеланд. Шаренило од бои го осветли ноќното небо над Скај Тауер.

Спектакуларен дочек и во Австралија. Полноќниот огномет, традиционално од пристанишниот мост во Сиднеј, воодушеви над 420 милиони гледачи ширум светот.

Додека Јапонија ги крева чашите, на другата страна на светот се завршуваат последните подготовки. Светлечката топка на Тајмс Сквер во Њујорк ќе ја одброи последната минута од старата година.

„Се подготвуваме за многу забава“.

„Ја сакам атмосферата. Секоја година доаѓам рано“,

Новогодишната атмосфера се чувствува и во Русија. Жителите на Москва се надеваат дека претстојната 2024 ќе биде подобра и ќе стави крај на конфликтот во Украина.

„Се надевам на подобро. Се надевам дека војната ќе заврши и ќе дојде мир“.

„Прво, сакам мирот да дојде насекаде. Војната и непријателствата да завршат и сите да се вратат дома. И секако, сакам лична среќа и среќа за децата“.

Ден порано, на плажите во Шевенинген во близина на Хаг, запален традиционалниот оган проследен со спектакуларен огномет. Долгата новогодишна ноќ Франција ќе ја дочека со зголемено присуство на полицијата во Париз поради, како што рекоа властите, многу високи терористички закани, делумно поради случувањата во Израел и Палестина.

 

Бојана Крстевски