2024 ја стресе Јапонија, регистриран земјотрес од 7,6 степени по Рихтер
2024 буквално ја стресе Јапонија. Силен земјотрес од 7,6 степени е најава за цунами...

Ното, крајбрежно гратче во префектурата Ишикава во Јапонија, е во паника на првиот ден од новата година откако земјата почна катастрофално да се тресе. Првичните информации се дека земјотресот од 7.6 рихтера на островот Хоншу урнал куќи, многумина од жителите се заглавени во нив, прекинат е сообраќајот, но и снабдувањето се струја. Веќе пристигнуваат извештаи за загинати и повредени, како и 10-ци илјади граѓани кои останале без своите домови.
„Според набљудувањето, земјотресот има сеизмички интензитет од седум степени во префектурата Ишикава. Во областите каде што имало силен потрес има постојан ризик од уривање на домовите и од свлечишта. Бидете внимателни со следните земјотреси и поради дождот, не влегувајте во опасните области. Ова предупредување е во сила една недела. Особено во следните два до три дена“, изјави Тошихиро Шимојама, службеник во Одделението за земјотреси и вулкани на метеоролошката агенција на Јапонија.
Веднаш е испратено предупредување за цунами, Брановите, велат експертите, можат да достигнат и до пет метри.
„Предупредување за големо цунами е веќе испратено. Се однесува на Ното, префектура Ишикава. Предвидуваме дека може да има големо цунами. Ако сте на брегот или покрај реката, ве молиме евакуирајте се веднаш на повисоки места“, изјави Тошихиро Шимојама, службеник во Одделението за земјотреси и вулкани на метеоролошката агенција на Јапонија.
И јапонскиот премиер веднаш се појави во јавноста за да ги соопшти мерките на владата.
„Владата веднаш основа канцеларија за одговор на несреќата за справување со земјотресот за што издадов три инструкции. Првата е веродостојно информирање за цунами и евакуација. Втората е за тековната состојба за штетата. Третата инструкција е за тоа како владата ќе соработува со општините при што приоритет имаат човечките животи“, изјави Фумио кишида, премиер на Јапонија.
Предупредување за високите бранови има и во Русија. Најзагрижувачка е состојбата со нуклеарните постројки во Јапонија, кои се обезбедени на највисоко ниво. Според евровизиската размена, потресот бил пресилен за трансформаторот на нуклеарната електрана каде што избил пожар којшто бил итно изгаснат. По првиот од 7.6, следувале 40 послаби потреси меѓу 5 и 6 Рихтери.
Зоран Богатинов
