СДСМ го игнорира повикот на Филе?!
И денеска продолжуваат реакциите за средбата на водството на СДСМ со еврокомесарот за проширување. Партијата ги дообјаснува различните соопштенија од кабинетот на Филе и од Бихаќка кои создадоа дилеми што е главната порака од Брисел...

И во денешното ново соопштение за посетата на лидерскиот двоец на СДСМ на Брисел, партијата го игнорираше повикот на еврокоемесарот Штефан Филе, да се вратат во Собранието.
„Во писменото соопштение, основната порака на Филе е адресирана до власта на Груевски, итно ги реши проблемите што постојано ги повторува набљудувачката мисија за ОБСЕ/ОДИХР, а се повторуваат и во извештаите на ЕК“, стои во реакцијата на СДСМ.
Во него повторуваат дека разговарале за нивната идеја за техничка влада. Во соопштението од кабинетот на Филе по средбата, не се споменува ова барање на СДСМ, но е наведен апелот до Заев и Шеќеринска институционално да ги решаваат проблемите.
„Комесарот Филе ја повика опозицијата да се вклучи во работа на Парламентот, како најдобар начин за решавање на проблемите и да придонесе за реформите неопходни за земјата. Напуштањето на демократските институции ги слабее истите, а силни демократски институции се во интерес на земјата“, објави кабинетот на еврокомесарот.
Дипломатски извори брифираат дека средбата не поминала глатко и дека водството на СДСМ било опеменато за своето однесување. Сомнежите се подгреваат и со однесувањето на Заев и Шеќеринска кога избегнаа одговор на прашање на Македонската телевизија.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
