Министерот Меџити го посети првото родено бебе во 2024 година
Меџити му посака здравје, среќа и безгрижно детство на новороденото бебе, а на родителите им ги честиташе новогодишните празници...

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска утрово ја посетија Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, каде синоќа после полноќ, во 00:00 часот се роди првото бебе во 2024 година. Станува збор за здраво машко дете, тешко 3760 грама и долго 52 сантиметри. Ова е прво дете во семејството Стефковски.
„Ја користам оваа прилика на граѓаните да им ја честитам Новата година и да им посакам пред сè добро здравје и успеси. Ние како Министерство продолжуваме во новата година да спроведуваме политики и мерки за заштита на здравјето на мајките и новороденчињата, како и на сите други пациенти“, изјави министерот Меџити при посетата.
Меџити му посака здравје, среќа и безгрижно детство на новороденото бебе, а на родителите им ги честиташе новогодишните празници.
Министерката за труд и социјална политика Тренчевска информираше дека традиционално секоја година со министерот за здравство се во посета на јавно-здравствената установа каде што се родило првото бебе.
Директорката на ГАК, д-р Викторија Јовановска потенцираше дека годината почна убаво со три родени бебиња во првите 15 минути веднаш по новата година.
