Десетици загинати во разорниот земјотрес што ја погоди Јапонија
Десетици жртви и над 200 последователни потреси по разорниот земјотрес во Јапонија. Спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините. По силниот потрес, регистрирани свлечишта, разурнати згради, уништени патишта, пожари, прекин на електричната енергија. Илјадници жители ноќта ја минаа во центрите за евакуација поради големиот број афтершокови …

Јапонија ги живее во ужас првите денови од новата година. Десетици жртви и над 200 последователни потреси по разорниот земјотрес. Бројот на загинати расте. Спасувачите водат битка со времето. Неуморно се пребарува теренот. Повеќе од 30 илјади домаќинства се без струја, многу градови без проточна вода.
„Се тркаме со времето за да ги спасиме жртвите од катастрофата. Имаме тешкотии поради уништени и оштетени патишта. Потврдена е огромна штета, вклучително и бројни жртви, урнати згради и пожари. Во моментов екипи работат на обновување на електричната и водоводната мрежа“, изјави јапонскиот премиер, Фумио Кишида.
Ноќ мината под ведро небо, во автомобили, тенди и засолништа. Војската дели залихи од храна, вода и ќебиња. Голем дел од жителите на најпогодената префектура Ишикава, ќе мора одново да изградат домови.
„Бев со сопругот во дневната соба кога одеднаш почна страшно силно да се тресе. Се обидувавме да ги задржиме работите да не паднат, но тресењето не престануваше. Ѕидот се сруши, можевме да ја видиме соседната соба. Нема да можеме повеќе да живееме овде“, изјави Мики Кобајаши, жителка во префектурата Ишикава.
Јапонската метеоролошка агенција ги укина сите предупредувања за цунами, но предупреди дека во следните неколку дена областа би можеле да ја погодат уште поголеми земјотреси. Вчера земјата беше погодена од серија земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени по Рихтер. Честите соочувања со природата се поради близината до „огнениот прстен“ во Пацифичкиот басен.
Бојана Крстевски
