Расте бројот на жртви по стравотниот земјотрес во Јапонија
Трка со времето во Јапонија. Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините предизвикани од стравотниот земјотрес во потрага по преживеани. Бројот на жртви постојано расте и надмина 50. Предизвикана е огромна материјална штета. Потресот беше со магнитуда од 7,6 степени. За среќа, опасноста од цунами повеќе не постои…

Јапонија ги живее во ужас првите денови од новата година. Десетици жртви и над 200 последователни потреси по разорниот земјотрес. Бројот на загинати расте. Спасувачите водат битка со времето. Неуморно се пребарува теренот. Повеќе од 30 илјади домаќинства се без струја, многу градови без проточна вода.
„Се тркаме со времето за да ги спасиме жртвите од катастрофата. Имаме тешкотии поради уништени и оштетени патишта. Потврдена е огромна штета, вклучително и бројни жртви, урнати згради и пожари. Во моментов екипи работат на обновување на електричната и водоводната мрежа“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.
Ноќ мината под ведро небо, во автомобили, тенди и засолништа. Војската дели резерви од храна, вода и ќебиња. Голем дел од жителите на најпогодената префектура Ишикава ќе мора одново да изградат домови.
„Бев со сопругот во дневната соба кога одеднаш почна силно да се тресе. Се обидувавме да ги задржиме работите да не паднат, но тресењето не престануваше. Ѕидот се сруши, можевме да ја видиме соседната соба. Нема да можеме повеќе да живееме овде“, вели Мики Кобајаши, жителка во префектурата Ишикава.
Јапонската метеоролошка агенција ги укина сите предупредувања за цунами, откако беа регистрирани само помали бранови.
„Среќа што не бев дома. Тресењето секаде беше исто, но цунамито влезе внатре во мојот дом, па да бев тука, ќе беше опасно“, изјави Казујуки Иваике.
Во земјата која вчера беше погодена од серија земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени по Рихтер, и натаму останува црвената тревога од можни нови уште поголеми потреси. Честите соочувања со природата се поради близината до „огнениот прстен“ во Пацифичкиот басен.
Бојана Крстевски
