Израел

Израелската државна обвинителка го обвини министерот Бен Гвир за незаконско мешање во работата на полицијата

02.01.2024 12:17

Крвопролевања на Блискиот Исток и во Новата година. Израел ги зајакна ударите врз југот на Газа. Жртви и на западниот брег, бомбардирана и периферијата на Дамаск. Бројот на загинати расте, но тензии има и внатре во Израел. Јавната обвинителка му забележа на министерот за национална безбедност Бен Гвир, дека незаконски се мешал во работата на полицијата околу правото на протести за време на војната. Во меѓувреме, падна и спорниот закон на Нетанјаху за реформа на правосудството.

„Да запре крвопролевањето, да се вратат во своите домови“ – за жителите на Газа остана само една желба посакувана наспроти магијата на новогодишната ноќ. Внатрешно раселените секојдневно се борат да изградат рутината во бегалскиот камп за полесно справување со нехуманите услови во кои се најдоа откако ги напуштија своите домови.

„Мојата желба за новата 2024 година е окупацијата да исчезне, нејзиното постоење е причина за проблемите. Ако заврши окупацијата, нема да има војни и конфликти, сакаме да живееме во мир“, изјави Неаман Абу Џарад, раселено лице од Беит Ханун.

„Мојата најмлада, седумгодишна ќерка и мојата десетмесечна внука се болни откако стигнавме во шаторот. Кашлаат, имаат симптоми на настинка, дијареја. Аптеката се наоѓа во област која е далеку од овде и многу лекови не се достапни“, изјави Маџеда Абу Џарад – раселено лице од Беит Ханун.

Засега нема изгледи дека желбата на цивилите во енклавата ќе биде исполнета. Газа е под интензивни напади од копно, море и од воздух. Израелските одбранбени сили јавуваат за ликвидирани борци на Хамас, уништено оружје, пронајдена е и лабораторија за производство на ракетни минофрлачи. Ветуваат дека изрелските жители наскоро ќе можат да се вратат во своите домови откако беа евакуирани пограничните области.

„Во согласност со препораките дадени од израелските одбранбени сили, наскоро ќе можеме да ги вратиме заедниците дома, во областите кои се наоѓаат четири до седум километри северно од појасот газа. Првата фаза од седум заедници веќе беше решена, добија пораки. Кибуц Дорот каде што сме во моментов е еден од нив“, изјави Јоав Галант – израелски министер за одбрана.

И додека се водат борби во Газа, врие и во Тел Авив. На удар владата на Нетанјаху. Врховниот суд го поништи контроверзниот закон донесен пред почетокот на војната со Хамас, а кој беше дел од судската реформа предложена од израелскиот премиер и коалицијата на верски и националистички партнери во владата. Ова предизвика масовни протести и загриженост кај Израелците за зачувување на демократските принципи во земјата.

 

Маја Стојанова