Судство

Советот ја доби пресудата на Управен за Дамева, ќе ја разгледува утре

02.01.2024 14:32

Судскиот совет ја доби пресудата на Управен за разрешувањето на Дамева и образложението зошто треба да се врати на претседателската функција во телото. Утре ќе се разгледува…

На работен колегиум членовите на Судскиот совет ќе ги разгледуваат точките од пресудата на Управниот суд со која се поништува разрешувањето на Весна Дамева. Потоа ќе се одржи јавна седница. Од ова судско тело, не соопштуваат дали Дамева ќе се врати на челната позиција, велат за тоа детали ќе има наскоро.

Во Судскиот совет стигна пресудата од Управниот суд поврзана со разрешувањето на Весна Дамева и утре ќе се разгледа на работен состанок. Советот треба да постапи во рок од 30 дена. Нема право на жалба – велат од Судскиот совет.

Толкувајќи го законот, експерти за МТВ велат – ако станува збор за поништувачка одлука, таа е конечна и извршна и Судскиот совет е должен да ја почитува.

Дамева беше разрешена од претседателската функција откако нејзиниот заменик Адеми, ја стави иницијативата на гласање поради како што наведе – нарушени меѓучовечки односи. Таа тогаш тврдеше дека причина за разрешувањето не се односите внатре во Советот туку политички влијанија. Поднесе кривични пријави и тужба до Управниот суд.

Разрешувањето на Весна Дамева се совпадна со периодот кога Советот требаше да почне постапка за дисциплинска одговорност на апелацискиот судијата Енвер Беџети затоа што го држел во фиока случајот Таргет-Тврдина што доведе до застарување на делото за екс-директорот на УБК Сашо Мијалков за масовното прислушување.

Анита Димитријевска-Велковска