Зибери: Минатата година една од најлошите во однос на почитувањето на човековите права
Народниот правобранител во новата година очекува институциите повеќе да го слушаат омбудсманот. Немањето поддршка негативно влијае на заштитата на човековите права. Клучни предизвици - надминување на алармантната состојба во затворите, но и наближувањето на рокот за промена на личните документи на граѓаните...

Граѓаните кои нема да успеат да ги променат личните документи, не ќе можат да се појават во правниот промет бидејќи согласно законот се ставаат вон правна сила. Омбудсманот се надева дека Министерството ќе успее да го обезбеди најголемиот дел од граѓаните со новите лични исправи. Но, предупредува дека, иако има став на Владата дека тие нема да бидат санкционирани, сепак граѓаните ќе се соочат со одредени проблеми.
Минатата година се квалификува како една од најлошите во однос на почитувањето на човековите права и особено загрижува што тоа е и системски проблем. Народниот правобранител посочува дека надлежните органи не се покажале ажурни во постапувањата кон укажувањата на Народниот правобранител. Не создале услови за понормално функционирање. А, институцијата се соочувала со недостаток на средства за остварување на програмите и проектите. Сето тоа, додава Зибери, влијаело негативно на поквалитетна заштита на човековите права во земјава.
Состојбите со затворите се алармантни. Тоа беше нотирано и во сите извештаи на релевантните институции. Ниту третманот на затворениците, ниту просторното прашање се решава. За итно подобрување на ситуацијата, омбудсманот порачува изградба на соодветни капацитети, квалитетна здравствена заштита, се поголема примена на алтернативните мерки како и заживување на Законот за пробација.
Фиљана Кока
