Во израелски напад со дрон во Бејрут убиен висок претставник на Хамас
Во израелски напад со дрон, во Бејрут убиен Салех Ал-Арури, заменик-шефот на политичкото биро на Хамас и уште петмина други. Хамас ги замрзна сите преговори за примирје. Поради убиството на Ал-Арури, големи протести во западниот брег.

САД со осуда за коментарите од израелски министри дека Палестинците треба да се охрабрат да емигрираат од Газа и еврејските доселеници да се вратат на опколената територија. Според Стејт Департментот, таквата реторика е неодговорна. Позиција на САД е дека Газа е палестинска земја. На фронтот жестоки битки по копно, вода и воздух.
„Израелската одбрана е во многу висока состојба на подготвеност на сите арени, во одбраната и нападот. Остануваме фокусирани на борбата против Хамас. Нашите сили продолжуваат да се борат, со акцент на областа Кан Јунис, дејствувајќи над и под земјата, ликвидирајќи терористи и уништување на терористичката инфраструктура“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Не стивнуваат реакциите откако заменик-лидерот на Хамас и двајца началници на бригадите Касам беа убиени во напад со израелско беспилотно летало во Бејрут. Демонстрантите излегоа на улиците на Рамала на Западниот Брег. Израелската војска соопшти дека е подготвена за секое сценарио по нападот во Бејрут.
„Ова не е крајот и ако убијат еден од лидерите, повеќе Палестинци ќе го земат знамето и ќе продолжат со борбата против оваа окупација, а Палестина ќе бидете слободна што и да направиле“, изјави демонстрант.
Од Либанската група Хезболах велат дека убиството на високи функционери на Хамас претставува сериозен напад врз Либан и опасен развој во војната со Израел која нема да помине неказнето. Од ООН со повици за максимална воздржаност. И францускиот претседател Макрон со апел до израелскиот воен кабинет да избегне ескалација на состојбата во Либан.
„Поради ескалацијата на тензиите и кревкоста на ситуацијата во регионот, повикуваме на максимална воздржаност од сите страни. Не сакаме никакви дејства што би можеле да предизвикаат дополнително насилство“, изјави Флоренсија Сото Нино, помошник портпарол на ООН.
Привремениот либански премиер Наџиб Микати оцени дека убиството на лидерот на Хамас има за цел да го вовлече Либан во нова фаза на конфронтација по секојдневните напади на југот на земјата.
Маријана Димовска
