Со максимум до победа
И на помалку од 24 часа до првиот од двата бараж натпревара на нашата најдобра селекција против репрезентацијата на Грција за пласман на Светското првенство во Катар...

Нема дилеми. И на помалку од 24 часа до првиот од двата бараж натпревара на нашата најдобра селекција против репрезентацијата на Грција за пласман на Светското првенство во Катар, оптимизмот е максимално присутен меѓу 17-те избраници на селекторот Обрван кои околу пладне допатуваа во Атина и веќе го одработија единствениот тренинг.
Во последен момент од списокот поради повреда и болки во грбот отпадна Никола Марковски , па комплетниот товар на пивотменската позиција сега ќе падне на Ванчо Димовски и на Стојанче Стоилов кој се рехабилитира ,но веќе 2 месеца е без натпревари. Но, тоа не ги обесхрабрува нашите ракометари кои во своите редови имаат и двајца дебитанти: 18 годишниот Филип Талески и 20 години повозрасниот но и екстра квалитетен Ренато Вугринец.
Двајцата отворија нови опции и во нападот и во одбраната на нашата репрезентација , па токму варијантите во двете насоки на играта беа во преден план на 90 минутниот тренинг во пресрет на утрешниот натпревар. Ќе биде одигран во Лиосион арената , 20-тина километри северно од централното градско подрачје или како што се стекнува впечаток далеку од очите на грчката јавност.
Домаќините се свесни за фаворитската улога на македонскиот состав, влезот го оставаат слободен, а засега нема потврда за евентуално организирање на атинските навивачки групи кои би требало да извршат притисок од трибините врз македонскиот состав. Како ќе биде утре на крајот ќе видиме од 18 часот, тогаш е почетокот на за многумина натпреварот што е повеќе од спортски предизвик.
