Смртоносниот напад врз лидерот на Хамас во Бејрут ги зголеми стравувањата од поширок регионален конфликт
Се посилни се предупредувањата за потенцијална ескалација на борбите на Блискиот Исток. Израелската војска тврди дека е подготвена на секое сценарио. Под знак прашалник и преговорите за размена на израелски заложници со палестински затвореници. Хезболах бара подеднаква казна, Обединетите нации повикуваат на смиреност …

Се посилни се предупредувањата за потенцијална ескалација на борбите на Блискиот Исток. Хамас бара одговорност од израелските власти за убиството на заменик-лидерот на групата и двајца началници на бригадите Касам.
„Вчерашната атентатска операција беше значајна. Ние, жителите на предградието, ја осудуваме оваа работа и го чекаме одговорот на отпорот на тоа што се случи вчера“, вели жител на Бејрут.
„Дронот го испратија затоа што не се осмелуваат да се соочат со директна пресметка. Овој дрон личи на нив, натоварен со омраза“, вели друг жител.
Израелската војска соопшти дека е подготвена за секое сценарио. Продолжуваат жестоките битки по копно, вода и воздух на север и југ од Газа.
„Израелската одбрана е во многу висока состојба на подготвеност на сите арени, во одбраната и нападот. Остануваме фокусирани на борбата со Хамас. Нашите сили продолжуваат да се борат, со акцент на областа Кан Јунис, дејствувајќи над и под земјата, ликвидирајќи терористи и уништувајќи терористичка инфраструктура“, изјави Даниел Хагари, портпарол на одбраната на Израел.
Од либанската група Хезболах, велат дека убиството на високи функционери на Хамас претставува сериозен напад врз Либан и опасен развој во војната со Израел, која нема да помине неказнето. Од ООН повици за максимална воздржаност. И, францускиот претседател Макрон со апел до израелскиот воен кабинет да избегне ескалација на состојбата во Либан.
„Поради ескалацијата на тензиите и кревкоста на ситуацијата во регионот, повикуваме на максимална воздржаност од сите страни. Не сакаме никакви дејства што би можеле да предизвикаат дополнително насилство“, изјави Флоренсија Сото Нино, помошник-портпарол на ООН.
САД со осуда за коментарите од израелски министри дека Палестинците треба да се охрабрат да емигрираат од Газа и еврејските доселеници да се вратат на опколената територија. Според Стејт департментот, таквата реторика е неодговорна. Позиција на САД е дека Газа е палестинска земја.
Маријана Димовска
