Јапонија

Расте бројот на жртви од разорниот земјотрес што ја погоди Јапонија

03.01.2024 14:09

Бројот на жртви од разорниот земјотрес што ја погоди Јапонија се искачи на 72. Расте и бројот на повредени. На над 370 лица им е укажана помош. Урнатините и оштетените патишта ја отежнуваат спасувачката операција. Градот Сузу сè уште чека одговор на барањата за спас.

Сателитските снимки на најпогодената префектурата Ишикава го покажуваат ужасот кој го живее Јапонија овие денови. Бројот на жртви расте од час во час. Спасувачите во трка со времето се обидуваат да спасат што може да се спаси.

„Добивме извештаи дека сè уште има многу луѓе кои чекаат спас под урнатите згради. Денеска, покрај зголемувањето на бројот на персоналот на силите за самоодбрана од 1.000 на 2.000 луѓе, ќе го зголемиме бројот и на кучиња спасувачи“, изјави Фумио Кишида, премиер на Јапонија.

Сепак, урнатините и оштетените патишта ја отежнуваат потрагата по преживеани.

„Има многу луѓе кои се заглавени под куќите што се урнаа. Конечно видов сили за самоодбрана овде. Се надевам дека ќе донесат помош и ќе спасат што повеќе луѓе“, изјави сведок.

Над 33 илјади луѓе се евакуирани во засолништа. Секој ја раскажува својата приказна за страшните моменти. Една од нив е и Наоми Гоно. Сведочи како за влакно ја избегнала смртта.

„Почна да тресе до степен што се удиравме од едната на другата страна од собата. Им реков на моите деца да трчаат надвор, само што излеговме куќата се сруши. Навистина не можам да поверувам дека сме живи. Мајка ми не успеа да излезе бидејќи тешко оди, беше заробена под урнатините. Децата врескаа. Ја видов нејзината рака и почнав да ја извлекувам, за среќа е неповредена“, изјави Наоми Гоно - сведок на разорниот земјотрес од градот Сузу.

Потресот со јачина од 7,6 степени по Рихтер на брегот на Јапонското море предизвика огромна штета којашто допрва ќе се утврдува. Над сто илјади домаќинства се со ограничен пристап до проточна вода и струја. Последователните потреси и дождот дополнително создаваат проблеми и грижи за можни одрони и свлечишта.

 

Бојана Крстевски