Новата година почна со стар проблем- загадувањето
Не излегувајте од дома ако не морате, не работете на отворено, повеќе луѓе во еден автомобил. Новата година почна со стар проблем-загадувањето. Владата со препораки, јавните институции се префрлат на еколошки систем на затоплување…

Новата година почна со стар проблем – загадувањето. ПМ-честичките неколку дена над дозволеното, Владата со препораки од работни обврски да бидат ослободени бремените жени, постарите од 60 години, тие со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, но со препорака на матичен лекар.
Дека не се обврзувачки, иронично покажува и фактот дека министерката што препорачува да се користи јавен превоз за да има помалку возила на улиците, самата одлучила да дојде со автомобил на работа.
Надлежните постојано објаснуваат дека нема инстант мерки што ќе го расчистат воздухот.
Министерката Шукова истакна дека јавните институции треба да се префрлат на еколошки систем на затоплување.
Јовановски вели државата нема желба и стратегија за решавање на овој проблем.
Податоците покажуваат дека 45 проценти од загадувањето доаѓа од домаќинствата.
Наташа Јанчиќ-Менковски
