„Чебрен“ ќе чека подобри времиња, банкарската гаранција на грчката компанија нема да се активира
Нема да биде активирана банкарската гаранција на грчката компанија која се откажа од изградба на хидроцентралата „Чебрен“. На Грците не им било исплатливо да ја градат...

Министерката Каја Шукова објави дека тендерот за ХЕЦ „Чебрен“ официјално пропадна. Банкарската гаранција од 1,4 милиони евра од грчки „Архиродон“ нема да се активира.
Заклучно со 31-ви декември не пристигнало продолжување на банкарска гаранција од избраниот понудувач кој беше избран со одлука на Влада и со самото тоа понудата веќе не е активна, а Владата на седница треба да донесе одлука за поништување на тендерот.
Додека беше активна гаранцијата понудувачот требаше да потпише договор за заедничко вложување, но бидејќи не добивме дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција не важи и не може да продолжиме понатаму. Не се изјаснија тие, но имаа дополнителни услови кои Владата не можеше да ги прифати, појасни министерката задолжена за Екологија.
Премиерот Ковачевски истакна дека овој процес за Чебрен го водат надлежните институции и постапката се води според тендерската документација и одлуките на Владата. Јас не можам да коментирам одлуки на приватни ентитети, зашто се откажале од изградбата на Чебрен, само кусо одговори премиерот.
Овој процес се спроведува повеќе од 20 години и досега пропаднаа 14 тендери. Владата на 14 септември годинава донесе одлука со за избор најповолен понудувач за да се овозможи реализација на хидроцентралата „Чебрен“. Проценетата вредност на инвестицијата од беше околу една милијарда евра. Со одлуката беше предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.
Игор Панов
