Порошенко инаугуриран, вети мир во Украина

07.06.2014 11:52

Во обраќањето по заклетвата, Порошенко ги повика сепаратистите да го остават оружјето и вети дека ќе обезбеди коридори за странските платеници да ја напуштат Украина...

Петро Порошенко, 48-годишниот украински милионер, денеска положи свечена заклетва во Парламентот и стана петиот претседател на Украина од стекнувањето независност на таа земја во 1991 година. Заклетвата ја положи пред претседателот на Уставниот суд Јуриј Баулин.
 
Во обраќањето по заклетвата, Порошенко ги повика сепаратистите да го остават оружјето и вети дека ќе обезбеди коридори за странските платеници да ја напуштат Украина. Тој, исто така вети дека на населението од руското говорно подрачје ќе им биде овозможено правото на мајчин јазик, како и децентрализација на власта во регионите.
 
Порошенко уште истакна дека Крим бил и ќе биде украински. Како начин за излегување од кризата, Порошенко се заложи за спроведување предвремени парламентарни избори, како и за потпишување на нов меѓународен договор, наместо Меморандумот од Будимпешта.
 
Новиот украински претседател истакна дека Украина ќе остане унитарна држава и оти за прашањето за федерализација нема „плодна почва“ во земјата.
 
Порошенко ја положи свечената заклетва на специјална пленарна седница на Парламентот. Во Украина нема законски утврден протокол за стапувањето на должност, поради што секој новоизбран шеф на државата користи свое сценарио.