Иран го обвини Израел за двојните бомбашки напади
„Одговорните за нападот ќе платат висока цена“ – се закани Иран, вперувајќи го прстот во Израел. Заканата од прелевање на конфликтот станува сè поизвесна. По убиството на вториот човек на Хамас во Бејрут и зачестениот вкрстен оган со Хезболах, американскиот државен секретар Блинкен повторно во посета на Блискиот Исток.

Иран се закани со „брз и силен“ одговор на двојните бомбашки напади, во кои загинаа над 100 луѓе за време на комеморацијата на истакнатиот ирански генерал Сулејмани, убиен од САД во 2020-та. Иако никој не презема одговорност, иранскиот претседател прстот го впери во Израел.
„Го предупредувам ционистичкиот режим за ова злосторство и за другите што ги правите-ќе платите цена што ќе ве натера да зажалите многу“, изјави Ибрахим Раиси – претседател на Иран.
Вашингтон соопшти дека нема причина да верува оти Израел е вмешан. Државниот секретар Блинкен, повторно во посета на Блискиот Исток откако сè поизвесна станува заканата од прелевање на конфликтот.
„Немаме причина да веруваме дека Израел бил вмешан во оваа експлозија. Загрижени сме за ризикот од ширење на конфликтот. Секретарот се ангажира во интензивна дипломатија во обид да не ескалира“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
Во истовреме, Израел возвраќа на зачестените напади на Хезболах од Либан.
„Кој размислува да влезе во војна против нас, едноставно ќе зажали. Досега бевме внимателни кон ситуацијата во Либан и либанските национални интереси, па ако се води војна против Либан, тогаш сме обврзани да војуваме до крај без никакви ограничувања“, изјави Сајед Хасан Насрала – водач на Хезболах.
Тешки борби беснеат во централна и јужна Газа. Израел со нова методологија во освојување на вториот по големина град, Кан Јунис.
„Користиме класифицирани и нови средства во оваа операција што ќе ја изведеме темелно додека не стигнеме до сите местата каде што треба да одиме“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелските одбранбени сили.
Европскиот шеф на дипломатијата Борел, предупреди дека целиот Блиски Исток може да заврши во пламен. Тој ја повика меѓународната заедница да наметне решение за конфликтот меѓу Израел и Хамас, бидејќи двете страни не можат да се договорат.
Бојана Крстевски
