Македонска делегација предводена од претседателот Иванов на инаугурација на Порошенко
Присуствуваа 56 странски делегации, а најмалку 23 делегации се предводени од шефови на држави, влади или парламенти...

На денешната инаугурација на украинскиот претседател Петро Порошенко присуствуваа 56 странски делегации, а најмалку 23 делегации се предводени од шефови на држави, влади или парламенти, меѓу кои и Македонската делегација е предводена од претседателот Ѓорѓе Иванов.
На церемонијата, американската делегација ја предводи потпретседателот на САД Џозеф Бајден и тој во Киев ќе има разговори со Порошенко и со премиерот Арсениј Јацењук за „плановите на украинската влада за спроведување демократски реформи, економски развој и смирување на кризата во источниот дел на земјата“, соопшти Белата куќа.
На инаугурацијата присуствуваше и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, како и претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј, канадскиот премиер Стивен Харпер, францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус, претседателот на Грузија Гиорги Маргвалашвили и рускиот амбасадор Михаил Зурабов.
Петиот претседател на Украина ја постави едната рака на Уставот, а другата на Пересопницкото Евангелие (прв познат превод на евангелскиот текст на украински литературен јазик) и свечено се заколна на верност кон Украина.
Во обраќањето по заклетвата, Порошенко ги повика сепаратистите да го остават оружјето и вети дека ќе обезбеди коридори за странските платеници да ја напуштат Украина. Тој, исто така вети дека на населението од руското говорно подрачје ќе им биде овозможено правото на мајчин јазик, како и децентрализација на власта во регионите.
