Случај „Епштајн“

Објавени се досиејата со имиња на десетици луѓе поврзани со Џефри Епштајн

04.01.2024 13:52

Имиња на познати личности се најдоа во отворените досиеја за случајот „Епштајн“ за злоупотреба на малолетни девојки. Меѓу нив се спомнати двајца поранешни американски претседатели, британскиот принц Ендрју, музички ѕвезди и бизнисмени.

Објавени се досиејата со имиња на десетици луѓе поврзани со Џефри Епштајн, кој се децении злоупотребувал малолетни девојки. По одлуката на федералниот судија, достапни за јавноста се 40-ина документи во кои се спомнуваат поранешни американски претседатели, музички ѕвезди и бизнисмени.

Незапечатените судски документи вклучуваат имиња на лица кои се појавиле во дневниците на летот на приватниот авион на Епштајн, наречен „Лолита експрес“, којшто често го користел за да лета до неговиот приватен остров на Карибите. Многумина од оние кои имале деловни или социјални врски со Епштајн, осуден сексуален престапник, негирале какво било недолично однесување или вмешаност во неговите активности.

„Голем дел од информациите што ги видовме во овој документ веќе ни се познати во најголем дел, имиња како поранешниот претседател Бил Клинтон, принцот Ендру, дури и спомнувањето на Мајкл Џексон“, изјави Мајкл Сисак, новинар во Асошиетед прес.

Во документите се спомнува и името на поранешниот американски претседател Доналд Трамп

„Една жена изјавила дека летала со приватниот авион на Џефри Епштајн од Флорида до Њујорк. Тие морале да се пренасочат поради лошото време во Атлантик Сити и завршиле во едно од казината на Доналд Трамп, Џефри Епштајн, според оваа жена, рекол: „Ох, одлично, ние сме во Атлантик Сити. Ќе го повикаме Трамп и ќе одиме во казино“, изјави Мајкл Сисак, новинар на Асошиетед прес.

Објавувањето на имињата следува по решената тужба за клевета, поднесена во 2015 година од Вирџинија Џуфре, која ја обвини британката Максвел дека овозможила злоупотреби од Епштајн. Максвел беше прогласена за виновна за заговор и трговија со луѓе поврзани со Епштајн.

 

Ирина Гелевска