Екстрадиција

Продолжен притворот за нови 30 дена на петмината осомничени за убиство

04.01.2024 14:10

Кривичниот совет од скопска единица им го продолжи притворот за нови 30 дена на петмината осомничени за убиство, грабнување и за помагање на сторител во извршување на кривичното дело, сите поврзани со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче.

По барање на Обвинителството, Кривичниот совет од скопска единица им го продолжи притворот за нови 30 дена на петмината осомничени за убиство, грабнување и за помагање на сторител во извршување на кривичното дело, сите поврзани со убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче. Против овие решенија, странките имаат право на жалба пред Апелацискиот суд – Скопје.

„Кривичниот совет при основниот Кривичен суд – Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје за продолжување мерка притвор против 5 лица, донесе решенија со кои: на сите поврзани со убиството на малолетната девојка од Скопје и 74-годишниот велешанец, им се продолжува притворот за 30 дена. Воедно, прифатен е предлогот и за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена и за осомничениот за помагање на сторител во извршување на кривичното дело, а поврзан со бегството на првоосомничениот кој се наоѓа во екстрадициски, краткотраен затвор во Р. Турција“, стои во соопштението од Кривичен суд – Скопје.

Додека Македонија ја чека екстрадицијата на Љупчо Палевски тој се наоѓа во 40-дневен привремен затвор во „затворената казнено-поправна установа – Беликесир“ во Турција, во дописот од 29-ти декември, Јавното обвинителство „Беликесир“, го извести македонското Министерството за правда дека Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело „намерно убиство на дете“, му е изречена ваква мерка за да се обезбеди екстрадиција.

Од правда очекуваат екстрадиција на Палевски да трае неколку месеци. Таа би била брза само доколку тој самиот го побара тоа.

Барањето за екстрадиција на Палевски беше експресно изготвено, преведено и испратено до турските власти. Нашите побараа, а тие првично му изрекоа 40-дневен екстрадициски притвор. Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница. Тој е главен осомничен за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а осомничени сè уште пет лица како соизвршители и помагачи. Во интерес на истрагата обвинителството не откриваат нови детали.

 

Наташа Гркова - Петрушевска