Нема да има ново зголемување на платите на функционерите годинава, тврди Бесими
Зголемувањето од 78 проценти на функционерските плати останува, нема пари за ново во Буџетот за годинава. Според Бесими, Владата е решена да направи корекција на законот...

78–процентното зголемување на функционерските плати останува, а нема пари за ново во Буџетот за годинава. Според чуварот на државната каса, Бесими, тоа значи дека Владата е решена да направи корекција на законот.
Работната група сè уште работи на формулата за намалување на платите на функционерите, која би ја доставила како решение до Собранието, уверуваат од Владата.
Се тврди дека се потребни седум закони да се адресираат сите 1.260 функционери, но никој не кажува кои се тие. Измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон, што е противуставно, беше неодамнешното образложение на вицепремиерот, Битиќи. Но, синдикатите не се согласуваат со овие тврдења. Сосема доволна е измена само на еден закон, вели претседателот на УПОЗ, за да се постигне намалување на функционерските плати.
Уставниот суд лани укина два члена од законот за плати и надоместоци на избраните и именуваните функционери, со што платите им се зголемија за 78 отсто.
Фиљана Кока
