Отворени тендерите за изградба на пречистителна станица во Гевгелија
Финишираат административните работи околу изградбата на пречистителна станица во Гевгелија. По отворањето ан тендерите, локалните власти очекуваат во најскоро време потпишување на договорите со изведувачите и почеток на реализација на овој проект кој се финансира од Македонија, Швајцарија и Грција...

Отворени се двата тендери за изведувачи на работите околу изградба на пречистителната станица на реката Вардар кај Гевгелија. Од општината велат дека и македонската и грчката страна ги отвориле понудите за овој капитален проекти кој го финансира македонската, швајцарската и грчката страна.
„Значи тендерот што требаше да го распише СЕХО веќе е во крајна фаза. Избран е и изведувачот кој што ќе биде, само уште не е потпишан договорот. Пред некој ден имавме отворање и на тендерот кој што го распиша грчката страна од ЛОТ 2“, вели Иван Франгов- градоначалник на Гевгелија.
Според Франгов, во најскоро време треба да бидат потпишани договорите со најдобрите понудувачи, со што ќе почне и изградбата на колекторот. Досега, македонската влада го изгради и пристапниот мост кој води до локацијата каде што ќе се наоѓа пречистителната станица.
„Тоа е веќе реална работа. Мостот кој што беше обврска да го изгради Владата на РМ преку министерството за животна средина е изграден веќе. Значи една по една работите се придвижени и за скоро време треба да имаме и реализација“, додава Франгов.
Капацитетот на Пречистителната станица е со димензии за 30 илјади жители. Кон него локалните власти планираат да ја приклучат и канализациската мрежа од Мрзенци која што е во тек на градба, за да се скратат, според нив, сите можности фекални води директно да се слеваат во Вардар.
Катерина Давчева
